На панелот „Реобмислување на економската безбедност“, одржан на 20 ноември на 12-тото издание на конференцијата, Димитровски издвои три приоритети за Македонија: снабдување со енергија од различни извори, подобри транспортни врски и дигитализација на трговските процеси. Во транспортот, според него, стратешко значење имаат коридорите X и VIII, вклучително и железничкото поврзување со Бугарија.
Коридорот VIII го поврзува регионот со италијанските пристаништа Бари и Бриндизи. Димитровски ѝ се заблагодари на Италија за поддршката за транспортното поврзување, економската размена и европската интеграција на регионот. Тој посочи дека Македонија, како членка на Унијата за Медитеранот, сака поактивно да соработува со другите членки, особено во енергетиката и поврзувањето, и подобро да ги искористи можностите што ги нудат другите регионални иницијативи.
Според Димитровски, со растечката геополитичка неизвесност економската безбедност добива сѐ поголемо стратешко значење. За неа, оцени тој, се потребни отпорна и конкурентна економија, но и соработка меѓу земјите во регионот и пошироко.
Димитровски смета дека економската безбедност е тесно поврзана со европската интеграција. Според него, постепената интеграција во ЕУ треба да оди паралелно со веродостоен и предвидлив процес на пристапување заснован на заслуги. Економски посилен и поинтегриран Западен Балкан, оцени тој, е во директен интерес на ЕУ и за нејзината безбедност и за нејзината конкурентност.
На средба за време на конференцијата, Димитровски и ерменскиот заменик-министер за надворешни работи и меѓународна трговија Вахан Костанјан ја потврдија заедничката заложба за поинтензивен политички дијалог и поблиска соработка во економијата, трговијата, информатичките технологии и дигитализацијата. Разговараа и за актуелни регионални и меѓународни прашања и ја нагласија важноста на регионалната стабилност и почитувањето на европските вредности.
Со Стефаниа Розини од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, Димитровски разговараше за можностите за поблиска соработка во земјоделството и безбедноста на храната. Како рамка за заедничка работа и размена на искуства ја посочија Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), со седиште во Рим.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.