Планот предвидува мерки за енергетска ефикасност, користење обновливи извори на енергија и модернизација на инфраструктурата, како и за поголема отпорност на локалната заедница кон климатските промени. Тие се засноваат врз анализа на енергетската потрошувачка, инвентар на емисиите и проценка на климатските ризици.
Посебно внимание во документот е посветено на енергетската сиромаштија и праведната енергетска транзиција. Со планот се утврдуваат приоритетите и рамката за спроведување на општинските енергетски и климатски политики до 2030 година.
Градоначалничката Соња Стаменкова, во воведното обраќање во публикацијата, го поврзува одговорното управување со ресурсите со долгорочниот развој на општината. „Токму во тоа ја гледам најголемата вредност на овој Акциски план: да ни помогне денешните потреби да ги претвориме во промислени одлуки, а долгорочните определби во конкретен и одржлив напредок.“
Македонска Каменица е и официјална членка на европската Конвенција на градоначалниците за клима и енергија. Процесот на формално приклучување почна со одлуката на општинскиот Совет од 8 април 2026 година.
Документот го изработи ПОТТИК Институт во соработка со Општина Македонска Каменица, со вклучување на локалните институции и граѓаните. Поддршка обезбеди Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Канцеларија Скопје.
ПОТТИК оценува дека значењето на планот ќе се потврдува преку спроведувањето на мерките, обезбедувањето финансиски средства и мерливите придобивки за животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.