Собирањето документи, повторното внесување податоци и исполнувањето различни административни барања им одземаат значителен дел од времето на сметководителите. Кај микро и малите фирми, сметководителот често е единствениот квалификуван финансиски стручњак кој постојано го следи работењето. Со помалку административни обврски би имал повеќе време за финансиска анализа и планирање, а со своето знаење би можел да ѝ помогне на фирмата да донесува подобри деловни одлуки, смета Прентоска.
ИСОС се залага за појасни барања што ќе одговараат на големината на секоја фирма, на сложеноста на нејзиното работење и на ризиците со кои се соочува. За Институтот, секое решение мора да ја зачува точноста на финансиските информации и професионалната одговорност на сметководителите. Прентоска оценува дека поедноставното известување би можело да ги намали трошоците за исполнување на обврските, а информациите да бидат покорисни и за фирмите и за институциите и финансискиот сектор.
Институтот ја претстави иницијативата на тркалезната маса „Големи правила за малите бизниси: дали е време за поедноставно сметководство?“, која ја организираше по повод 10 ноември, Меѓународниот ден на сметководството. Таму беше предложено да се формира заедничка стручна работна група со надлежните институции и бизнис-заедницата. Таа би разгледала кои обврски може да се поедностават и како да се олесни финансиското известување за малите бизниси.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.