Работилницата ја откриле археолози од Универзитетот во Тел Авив и Израелската управа за антиквитети на локалитетот Хорват Бетер, во населбата Неве Ној. Таа потекнува од бакарното време и се поврзува со гасулската култура. Остатоците од Хорват Бетер се меѓу најраните познати докази за печки изградени посебно за добивање метал.
Раните мајстори обично ја топеле бакарната руда во мали глинени садови што можеле да ги пренесуваат. Хемиската и изотопската анализа на згурата и на парчињата од ѕидовите на печките покажала дека во Беер Шева мајсторите граделе неподвижни печки во земјата. Во нив постигнувале високи температури при ограничен доток на кислород.
За да ја стопат рудата во тие печки, мајсторите ја носеле необработена повеќе од 100 километри од Вади Фајнан. Според истражувачите, можно е да работеле толку далеку од рудниците за другите групи да не дознаат како го добивале бакарот. Се чини дека секоја работилница во долината на Беер Шева имала своја постапка, а знаењето за градењето на печките и топењето на рудата се пренесувало во кругот на семејството или меѓу мајстори од иста занаетчиска група.
Бакарот од печките бил наменет за обредни предмети и симболи на висок статус: украсени глави за боздовани, круни и секири обликувани по примерот на камените алатки. За обработка на земјата, лов и секојдневни работи луѓето и натаму користеле камени алатки.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.