Градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на Комората, Дејан Метикош, го потпишаа документот на 20 ноември. Соработката ги опфаќа и архитектурата, урбанистичкото и просторното планирање и одржливиот развој на градот. Општината и Комората планираат заеднички истражувања, обуки и изложби. На отворањето на средбата, на кое зборуваше и Метикош, Коњановски оцени дека архитектите и урбанистите имаат клучна улога во развојот на Битола.
За урбаниот развој и заштитата на културното наследство Комората ќе соработува и со Кластерот за урбанистичко планирање од Ниш, Србија. Метикош и застапничката на Кластерот, Миљана Игњатовиќ, на 21 ноември потпишаа втор меморандум. Тој предвидува научни и стручни истражувања и за енергетската ефикасност, како и заеднички едукативни настани, работилници, размена на искуства и формирање експертски тимови.
Како дигитално се документира градското наследство беше тема на изложба за „Битола, бабам Битола“, последниот мурал на Борко Лазески. Делото од 1991 година се наоѓа во шалтер-салата на Главната пошта во Битола. На муралот, со димензии 3 на 7,14 метри, има над 90 ликови. На изложбата беше претставен проектот на Македонскиот национален комитет на ИКОМОС за истражување и афирмација на делото, кој вклучува изработка на прецизен тридимензионален модел врз основа на фотографии.
За врската меѓу архитектурата, наследството и сеќавањето се разговараше и во киното „Манаки“, по проекцијата на документарниот филм „Руини“ на Елена Чемерска. Режисерката ја следи реставрацијата на модернистички споменик што го создал нејзиниот покоен татко. Проекцијата беше организирана во соработка со Дебатното кино „Контра Кадар“.
По ланската тема „Архитектурата утре“, годинашната средба „The Architect, Redrawn“ го сврте вниманието од објектот кон архитектот: што значи да се биде автор кога во проектирањето учествува и вештачката интелигенција? На предавањата и панелите се разговараше за тоа како автоматизацијата ја менува работата, колку слобода и ефикасност носат дигиталните алатки и како истражувањето и експериментот влегуваат во секојдневното проектирање. Прашање за струката беше и како да ја задржи одговорноста кон луѓето што го користат просторот додека градовите се соочуваат со посложени климатски, урбанистички и општествени предизвици.
Главната говорничка, архитектката Татјана Џамбазова од Калифорнија, ја отвори дискусијата за тоа како архитектот го проценува она што го нуди машината. Таа ги одржа предавањата „Од архитект, до технолог“ и „Архитектонско проектирање во ерата на вештачката интелигенција“. Во повеќе од 25 години работа водела над десет софтверски производи од идеја до светска примена. Во „Autodesk“ била првата менаџерка на „Revit“ и го водела развојот на софтверот до околу 65 проценти удел на светскиот пазар. Таму ја иницирала и првата група за производи наменети за пошироката јавност. Денес го води развојот на производи со вештачка интелигенција во „Motif.io“. Коавторка е на две книги за „Revit“ и има патент за тридимензионално моделирање.
Њујоршката дизајнерка и истражувачка Нушин Радниа тргна од историјата на архитектонските алатки и од филозофската мисла на Мартин Хајдегер. Во предавањето „За алатките и откажувањето од наученото“ таа посочи дека новите технологии бараат архитектите да преиспитаат дел од наученото, но дека визијата и критичкиот суд остануваат нивни. Радниа истражува интерактивни простори и простори што можат да се приспособуваат. Предава на Универзитетот на Северна Каролина во Шарлот, каде што ја истражува улогата на архивите во колективната меморија, а во Њујорк е менторка во инкубаторот за уметност, дизајн и технологија „NEW INC“.
Калед Елашри, партнер во истражувачката група „Applied R“+D на лондонското студио „Foster“ + „Partners“, во предавањето „Истражување во пракса“ претстави истражувања за употребата на вештачка интелигенција, автономни софтверски агенти и дигитални алатки за решавање сложени проектантски задачи. За 16 години придонел во повеќе од 200 проекти, меѓу нив и стадионот Лусаил во Катар, Павилјонот на мобилноста на светската изложба во Дубаи и павилјонот на Обединетите Арапски Емирати во Милано.
Алфонсо Монедеро од лондонското „Heatherwick Studio“ го разгледа проектирањето од гледна точка на луѓето што го доживуваат изградениот простор. Монедеро ја води стратегијата на студиото за дигитално работење и управување со податоци и повеќе од една деценија работи на алатки што им овозможуваат на различни проектантски системи да разменуваат податоци. Зборувајќи за кампањата „Humanise“, тој се заложи технологијата да ја поддржува креативноста, наместо да ја ограничува.
За условите во кои се проектира во Македонија зборуваше скопското студио Аттика Архитекти во предавањето „Архитектурата сега“. Студиото го основале во 2014 година Бојан Тасев и Никола Томевски, дипломирани архитекти на УКИМ. Проектираат куќи, станбени згради, комплекси и ентериери. За објектот на „Рузвелтова“ број 11 студиото доби специјална награда на БИМАС XXI, а за објектот на „Стогово“ број 14 ја освои „BIG SEE Architecture Award“ во 2019 година. Добитник е и на наградата „Борис Чипан“ за 2025 година, а за европската награда „Mies van der Rohe Awards“ беше номинирано во 2019, 2022, 2024 и 2026 година.
Вториот работен ден го отвори Веселинка Герасимова Петровска, потпретседателка на Комората и претседателка на Македонскиот совет за зелена градба. Учествуваа претставници на стручни комори и асоцијации од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Косово, како и на архитектонските факултети при УКИМ и УАКС. Видеообраќања имаа Јержи Грочулски, потпретседател на Меѓународната унија на архитекти за Регион II, и Даниел Фигеншу, претседател на Советот на архитекти на Европа.
Студентите на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС во битолскиот Офицерски дом изложија избрани проекти од додипломските и постдипломските студии од изминатата академска година. Во културната програма за гостите беше и „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Саба Асламазишвили. Претставата ја изведе Државниот театар од Поти, Грузија, на големата сцена на битолскиот Народен театар, како дел од Битола Шекспир фестивал.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.