Преку Академијата службениците ќе ги надградуваат своите знаења и вештини, а целта е да се подигнат и професионалните стандарди во администрацијата. Обуките во Охрид опфатија три области: менторство, комуникациски вештини и еднаков однос без дискриминација. Акцентот беше на тоа како службениците да го применат наученото во секојдневната работа, особено во контактот со граѓаните.
„Професионалноста не е она што го пишува во нашето работно решение. Професионалноста е она што граѓанинот го добива кога ќе влезе во институцијата“, рече Минчев. Според него, за реформа не е доволно да се променат законите: граѓаните треба да добијат поквалитетни услуги од институции кои работат ефикасно и одговорно, им помагаат и го почитуваат нивното време.
Минчев нагласи дека силата на државата не зависи од бројот на институциите, туку од стручноста на луѓето што работат во нив и од нивната способност да им служат на граѓаните. Одговорноста за реформата, рече тој, ја делат сите институции и административни службеници.
Новата законска рамка за административните службеници и Законот за високите раководители, според Минчев, поставуваат појасни критериуми за професионалност, избор, оценување и одговорност. Тој порача дека раководителите мора да одговараат за резултатите, а придонесот во работата, стручноста и интегритетот треба да одредуваат како се оценуваат службениците и кој напредува.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.