Марија Стефановска ја игра младата сликарка која се соочува со свет во кој уметноста станува нарачка, производ и кич. Низ нејзината приказна, Ристовски ги отвора прашањата за идентитетот, интегритетот и интуицијата: може ли човек да ги избере вистината и слободата и да остане свој под политички, економски и општествени притисоци?
Наталија Ристеска ја игра Сенката на сликарката, а Марија Талеска настапува како Бабар/Мечкар, исто така сенка на главната хероина. Катерина Аневска е во улогата на Актерката, Никола Стефанов го игра Режисерот, а Маја Андоновска Илијевски е во улогата на Кустосот. Ристовски ги потпишува текстот и режијата, а костимите се на Марта Дојчиновска.
Претставата на АТО Центар од Битола е работена според научните трудови на Карл Густав Јунг. Намерата е гледачот да не остане пасивен: преку прашањата што индиректно му ги поставува, претставата го повикува да размисли што се случува кога молчиме.
За АТО Центар, „Повик“ е омаж на силата и мудроста на жената и на нејзината способност да создава, да обновува и да менува. Во основата на делото е вербата дека од кризата може да почне духовна преродба и дека за таква промена е потребна храброст да се зборува на глас. Претставата им е посветена на уметниците што останале доследни на себе и на новите генерации.
Партнер на продукцијата е Центарот за култура во Битола, кој обезбедува логистичка поддршка во соработка со Музејот во Битола. Претставата е поддржана преку проектот „Култура за развој“ на швајцарската влада, кој го спроведува Хартефакт фонд, како и од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.