Централниот јавен настан ќе се одржи утре, петок, во 11 часот на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп. Го организира Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) при Општина Прилеп, во соработка со основните училишта, по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајните незгоди.
„Мамо, тато, ве чекам дома!“, „Не брзај покрај моето училиште!“ и „Животот нема реприза!“ се дел од пораките што учениците ги подготвија за возачите. Организаторите со нив потсетуваат дека зад бројот на загинати стојат нечии деца, родители, браќа, сестри и пријатели, а сообраќајната безбедност е заедничка одговорност.
Настанот е дел од кампањата „НЕ БРЗАЈ. НЕКОЈ ТЕ ЧЕКА ДОМА!“, која трае од 15 до 22 ноември. Целта е подигнување на сообраќајната култура и личната одговорност на секој учесник во сообраќајот.
До возачите е упатен апел да ја намалат брзината, да го остават телефонот, да го врзат безбедносниот појас и никогаш да не возат под дејство на алкохол. Организаторите порачуваат дека сообраќајот не е трка, а улицата не е место за докажување.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.