Авторите ги подготвија трудовите со поддршка од повеќе од 20 ментори, а тематските сесии ги водеа 10 модератори. Покрај енергетската ефикасност, се обработуваа и нови материјали, автоматизација, мерења и современи енергетски системи. На конференцијата се сретнаа студенти, професори, истражувачи и претставници на институциите и индустријата за размена на истражувачки резултати и идеи за енергетската транзиција.
Во работата се вклучија и 35 средношколци, кои се запознаа со лабораториските капацитети на ФЕИТ и учествуваа во интерактивна работилница за енергетските и еколошките предизвици. Работејќи во тимови со ментори, тие развиваа и презентираа сопствени концепт-решенија. Активноста беше насочена кон поттикнување интерес за инженерството, енергетиката и одржливите технологии преку тимска работа и решавање проблеми.
Поврзувањето со инженерската практика вклучи презентации на ЕВН, Раде Кончар Сервис и ОКТА, како и студиски посети на „PickCell“ и ОКТА. Студентите имаа и панел-дискусија со претходно наградени колеги и претставување искуства од практикантска работа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. На работилница за примена на дронови во инженерството учествуваа претставници од ФЕИТ и Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Програмата опфати едно пленарно и седум поканети предавања. Проф. д-р Христијан Ѓорески од ФЕИТ го одржа пленарното предавање „AI at Every Scale: From Data Centers to Wearable Devices“, за примените на вештачката интелигенција од центрите за податоци до уредите што се носат на телото.
За зградите со нулта емисија и одржливото градежништво предаваше проф. Бојан Миловановиќ од Универзитетот во Загреб, а за обновливите извори и праведната енергетска транзиција Марко Минов од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Проф. Димитар Димитров од ФЕИТ ги обработи системите за складирање енергија во батерии, додека проф. Живко Коколански го претстави „Energy Living Lab“.
Проф. Бодан Велковски од ФЕИТ предаваше за енергетските заедници и електричните возила во преминот кон децентрализирани електроенергетски системи со намалени јаглеродни емисии. Младинската улога во таа транзиција беше тема и на Темитопе Ајанладе од „YES Europe“ и Универзитетот Мекгил, кој зборуваше за прекуграничната соработка во енергетиката и климатските активности, и на Јакопо Сала од „European Youth Energy Network“, кој ја обработи улогата на младите во иновациите.
На отворањето беа доделени и две признанија за трудови претставени на претходното, 13. издание на СКЕЕОР во 2025 година. Под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, министерката Сања Божиновска им го врачи признанието за труд со најиновативно предложено решение за енергетските предизвици на Јелена Ѓошиќ и Андреа Ѓошева, за „Дизајн на паметен систем за наводнување со IoT решение“.
Бошко Бошков, Маја Наумоска и Виктор Миленкоски добија признание за труд со потенцијал за позитивно влијание и придонес во надминувањето на енергетските предизвици. Нивниот труд е „Неконвенционални извори на електрична енергија: можности и перспективи на пиезоелектричната технологија“. Организаторите ги опишаа признанијата како поттик за понатамошен развој на применливи решенија во енергетиката и одржливиот развој.
Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски, им додели посебно признание за меѓународна афирмација на факултетот на Марко Доневски, Елена Тодорова и Маја Наумоска. Тие ја освоија главната награда за најдобар проект на 29. издание на меѓународниот инженерски студентски натпревар „ICAMES“ со „AI-Driven Smart Rehabilitation for Lateral Ligament Knee Injuries“, проект за паметна рехабилитација со вештачка интелигенција при повреди на страничните лигаменти на коленото.
На отворањето на 28 октомври во амфитеатарот на ФЕИТ, покрај Атанасовски и Божиновска, се обратија проректорката за наука на УКИМ, проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска, и претседателот на Инженерската институција на Македонија, д-р Андреј Лепавцов. Говореа и Мартин Тодороски, претседател на Факултетското студентско собрание на ФЕИТ, Петар Димов, претседател на СКЕЕОР, и проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, координаторка на конференцијата. Во обраќањата беше нагласена потребата од поддршка на студентските истражувања и поврзување на образованието со практиката.
Речиси 20 студенти волонтерски учествуваа во организацискиот тим, во подготовката, координацијата и спроведувањето на активностите. Покрај претставувањето истражувања, цел на СКЕЕОР е и развој на организациски, комуникациски и лидерски вештини кај младите. Конференцијата заврши на 31 октомври со доделување сертификати.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.