Претставници на Општинската организација на Сојузот на борците од Битола денес положија свежо цвеќе пред спомен-чешмата кај Пожарната.
Чествувањето го организираат Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола. Поканата е упатена до сите добронамерни Македонци и до сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Пред присутните ќе се обратат претседателот на Сојузот МАКЕДОН, Александар Јаневски, и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Културно-уметничка програма ќе изведе битолското КУД „Гоце Делчев“.
По собирот до Пожарната, цвеќе ќе се положи и на гробот на Андреј Чипов, генерален секретар на КПГ и претседател на ВМРО-Обединета за Егејска Македонија, на гробиштата до црквата „Света Недела“ во Битола. Ќе биде посетен и гробот на Александар Поповски, почесен претседател на битолското Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, каде што исто така ќе се положи цвеќе.
Покровител на традиционалното чествување е градоначалникот на Битола. Поканети се градоначалниците и советите на Битола, Новаци и Могила, Сојузот на борците на Битола и партиите што имаат советници во битолскиот Совет.
Спомен-плочата го означува местото каде што на 18 ноември 1944 година била формирана бригадата од Леринско-костурската народноослободителна бригада, Воденскиот македонски баталјон и дел од бригадата „Гоце Делчев“. Таа влегла во составот на НОВ и ПО на Македонија. Плочата носи датум 18 ноември 1984 година и посвета од работните луѓе и граѓаните на Битола.
При формирањето, бригадата броела над две илјади борци, распоредени во четири баталјони. Командант бил Илија Димовски-Гоче, негов заменик Наум Пејов, политички комесар Михаил Керамитчиев, а заменик-комесар Вангел Ајановски-Оче.
На 3 јануари 1945 година бригадата била прекомандувана во Гостивар и Тетово, каде што учествувала во борбите против балистичките вооружени групи. Во почетокот на март била стационирана во Битола и Гевгелија. Со наредба на Главниот штаб на НОВ на Македонија од 2 април 1945 година била расформирана, а борците биле распоредени во други единици. Сојузот на борците го поврзува расформирањето со меѓународните импликации од ситуацијата во Грција.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.