Сиљановска-Давкова се обрати на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која единствена точка беше годишниот извештај на Европската комисија за Македонија за 2026 година. Таа рече дека полноправното членство во ЕУ останува стратешка цел на земјата и дека во преговорите треба доследно да се почитуваат еднаквоста и правната сигурност, а пристапувањето да зависи од заслугите.
Според претседателката, натамошниот тек на пристапувањето не е доволно предвидлив, а границата меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања не е доволно јасна. Таа смета дека нема доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе ѝ овозможи на Македонија да напредува во преговорите и во процесот на пристапување. Како четврто прашање важно за напредокот ја издвои политичката одредница за уставни измени од извештајот за 2022 година.
„Мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот“, порача Сиљановска-Давкова.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.