На дебатата за влијанието на вооружените конфликти врз општеството, економијата, животната средина и човековите права, Адили Емини посочи дека цивилите гинат или се принудени да ги напуштат своите домови. Семејствата се разделуваат, а се нарушува и работата на училиштата и здравствените установи.
Според пратеничката, конфликтите се меѓу најсериозните закани за меѓународниот мир, стабилноста и одржливиот развој токму затоа што нивните последици се чувствуваат долго и надвор од боиштата. Се уништува инфраструктурата, запираат трговијата и инвестициите, а јавните институции слабеат додека расте притисокот врз државните буџети. Таа укажа и на потребата по конфликтите да се обнови оштетената животна средина.
Адили Емини смета дека пратениците имаат посебна одговорност преку парламентарната дипломатија и дијалогот да помогнат во зајакнувањето на демократските институции и во изнаоѓањето мирни решенија. За Македонија, како членка на НАТО и земја посветена на интеграцијата во ЕУ, безбедноста и економската отпорност се тесно поврзани, рече таа. Стабилноста на регионот, според неа, е неопходна за одржлив развој, инвестиции, подобра поврзаност и благосостојба на граѓаните.
Никитас Какламанис, претседател на ПАБСЕК и на грчкиот парламент, при отворањето на пленарната седница порача дека мирот и безбедноста во Црноморскиот Регион и пошироко не се загарантирани и дека бараат постојана соработка и дијалог. На седницата учествуваа и делегации од Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Турција и Украина. Делегациите се согласија дека парламентите треба заеднички да работат на отворање нови можности во регионот.
Собранието усвои и извештаи и препораки за тоа како во Црноморскиот Регион да се задржат луѓето и нивните знаења, со акцент на образованието, здравствениот кадар и дигиталните вештини. Другите документи се однесуваат на климатските промени во земјите членки, парламентарната поддршка за иновациите и начините на кои законодавството може да го следи напредокот во науката и технологијата.
Пред пленарната седница, Бирото на Собранието и Постојаниот комитет ја утврдија рамката за работа и ги разгледаа извештаите за активностите на ПАБСЕК и на сродните институции.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.