Членот 17 од предложените измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување предвидува бришење на членот 120, кој сега ја утврдува стапката од 6%. Адили-Емини потсети дека на 23 ноември министерот појаснил дека не се укинува вториот столб, туку дека одредбата се пренесува во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување заради правно и техничко усогласување.
Пратеничката побара министерот да каже во кој член од тој закон ќе биде утврдена стапката, како и од кога ќе се применува одредбата. Праша кои се правните и системските причини за промената и што конкретно ќе се добие со неа. Побара и појаснување како институциите ќе обезбедат непречено управување со придонесите и ќе ги заштитат стекнатите права на граѓаните. Според неа, причините и гаранциите треба да бидат јасни, а пензиската сигурност на граѓаните да остане приоритет.
На 113-тата собраниска седница, посветена на пратенички прашања, Адили-Емини постави уште две прашања. Министерот за здравство Сашо Клековски го праша за достапноста на адреналинското пенкало, автоинјектор што се користи при анафилакса. Таа нагласи дека пациентите, особено децата, треба навреме да го добијат лекот бидејќи тешката алергиска реакција може да биде фатална.
Од министерот за економија и труд Бесар Дурмиши побара да објасни какви можности имаат граѓаните од Кичево и од другите општини во петтата изборна единица да добијат грант за самовработување, да одат на пракса или да стекнат стручни вештини преку обука. За постојните компании праша каква финансиска поддршка можат да добијат ако сакаат да инвестираат, да го прошират работењето и да отворат нови работни места. Адили-Емини, која ја претставува оваа изборна единица, рече дека во крај каде што многу семејства го искусиле печалбарството, можноста да се најде работа или да се развие сопствен бизнис е важна за луѓето што сакаат да живеат во родното место.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.