Димитровски се заложи за веродостоен и предвидлив пристапен процес во кој напредокот ќе зависи од заслугите и од исполнувањето на Копенхашките критериуми. Тој и Натали Каутер, директорка за Европа во германското Сојузно министерство за надворешни работи, ги предводеа консултациите меѓу двете министерства. Разговараа за состојбите во ЕУ и можностите за напредок во проширувањето.
Димитровски ја издвои доследната и принципиелна поддршка на Германија за земјите од Западен Балкан и нејзината водечка улога во Берлинскиот процес. Димитровски и Каутер ги оценија односите меѓу Македонија и Германија како одлични. Како основа за нив ги посочија заемната доверба, заедничките демократски вредности, сојузништвото во НАТО и континуираната германска поддршка за европската интеграција на Македонија.
Германија е еден од најзначајните економски партнери на Македонија. Двете страни ја оценија економската и развојната соработка како интензивна и изразија подготвеност да ја продлабочат, вклучително и со германските сојузни покраини. Покрај економскиот развој, како области за поблиска соработка ги издвоија енергетската транзиција, дигитализацијата, владеењето на правото, образованието и одбраната.
Димитровски и Каутер се заложија и за продлабочување на политичкиот дијалог и поблиска координација во надворешната политика. Разговараа за тоа како безбедносните предизвици и геополитичките случувања во светот влијаат врз стабилноста на регионот. Оценија дека координираното дејствување, тесната соработка и дијалогот меѓу сојузниците се важни за зачувување на мирот, стабилноста и меѓународниот поредок.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.