Не станува збор само за селата, нивите, ридовите и долините, вели Цуцуловски. Кравите се движат исто толку слободно и по градските улици. Оттаму и неговата шега дека слободата на движење во земјава, барем засега, им е загарантирана и на луѓето и на кравите, како основно право на секое живо суштество.
Алузијата на сменетото име на државата е само половина од сатирата. Другата „промена“ што Цуцуловски ја навестува е премин кон тотемизам од сегашното општествено-политичко уредување, за кое вели дека не може разумно да се објасни со научен пристап.
Цуцуловски ја објаснува споредбата преку верувањето дека заедницата потекнува од своето тотемско животно. Тоа е свето: никој не смее да го допре, да го именува или да го ограничи, а казната за прекршување на табуто може да биде и смрт. Токму на такво животно, поставено над законот и моралот, го потсетуваат кравите во Крива Паланка. Со таа слика ја проширува критиката и на недопирливоста во земјава.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.