Џонатан живее на островот Света Елена во јужниот Атлантик, каде што бил донесен од Сејшелите во 1882 година. Се проценува дека се извел околу 1832 година и дека има околу 194 години. За да го испитаат неговиот геном, како и хемиските ознаки на ДНК кои се дел од епигеномот, истражувачите зеле брис од устата, без инвазивна постапка.
Бавниот метаболизам кај џиновските желки го намалува оштетувањето што со текот на времето се натрупува во клетките. Генетските варијанти кај Џонатан го насочиле вниманието и кон активната одбрана на клетките. Покрај поправката на ДНК, меѓу процесите со кои се поврзани варијантите се и регулирањето на инсулинот, контролата на воспалението и спречувањето на развојот на тумори.
Истражувачите го испитале и распоредот на метилните групи, хемиски ознаки прикачени на ДНК. Забележале обрасци што би можеле да им помогнат на митохондриите, деловите од клетката што произведуваат енергија, да работат стабилно со текот на времето.
За истражувањата на стареењето кај луѓето, ова се првични сознанија, а не доказ за начин да се продолжи животот. Допрва треба да се испита дали со промена на епигенетските ознаки или со влијание врз стабилноста на митохондриите може да се забави стареењето или да се продолжи животот кај други организми.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.