Кај повеќето горили кожата на рацете е рамномерно темнокафеава или црна. Ветеринарите и тимот што се грижи за приматите во зоолошката градина објаснуваат дека на светлите делови од прстите на Анака им недостига меланин, пигментот што ѝ дава боја на кожата. Дамките не се лузни, ниту се последица на витилиго или друга болест.
На дланките и прстите на горилите нема влакна, па светлата кожа кај Анака јасно се забележува. За сличноста со човечка рака придонесуваат и ноктите и наборите на кожата кај зглобовите, одлики што ги имаат сите големи човеколики мајмуни.
Анака е женка од подвидот западна низинска горила („Gorilla gorilla gorilla“). Родена е на 30 август 2013 година во зоолошката градина во Атланта. Нејзини родители се Сукари и Таз, а нејзиното име на хинди означува некој со мило лице.
Негувателите ја опишуваат Анака како смела и борбена и велат дека таа го има главниот збор меѓу браќата и сестрите. Кога е време за хранење, често им се огласува на мајка си, на браќата и на сестрите со звуци слични на лаење за прва да дојде до храната и сокот. Дури и кога веќе не била бебе, понекогаш им се качувала на грб на браќата и сестрите за да ја носат.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.