На работилницата „Квалитет на воздух и урбани бари“ учествуваа ученици од VII, VIII и IX одделение со наставничките Соња Иловска и Розалија Р. Бирлис. Покрај мерењата со инструменти, учениците ги набљудуваа живеалиштата крај барата и во околината и собираа природни материјали за да ги разгледаат во лабораторијата.
Во лабораторијата работеа во пет групи. Една од нив добиваше јаглерод диоксид („CO₂“) и ја мереше неговата концентрација при согорување различни материјали. Друга група загреваше шишиња со различни концентрации на „CO₂“ и ги споредуваше температурите за да го истражи ефектот на стаклена градина. Во третиот експеримент концентрацијата на гасот беше иста, но едното шише имаше црна обвивка, а другото бела. Учениците испитуваа како бојата влијае врз впивањето на топлината.
Со водата од двете бари работеше четвртата група. Учениците ја мереа „pH“-вредноста за да разликуваат кисела, базна и неутрална средина. Петтата група покажа како настануваат киселите дождови и како преку нив загадувањето на воздухот може да влијае врз водата, почвата и живиот свет.
На крајот учениците ги разгледаа материјалите што ги собраа на терен. Со микроскоп и бинокулар набљудуваа детали невидливи со голо око, го споредуваа она што го забележале и разговараа за своите заклучоци.
Работилниците се организираат преку Мрежата за искуствено учење, со поддршка од Македонското еколошко друштво од Скопје, УНИЦЕФ, Амбасадата на Шведска во Скопје и „Избери наука!“, дел од програмата „Хоризонт Европа“ на Европската Унија.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.