Трпчески рече дека номинацијата му е чест и се заблагодари за новите позитивни критики за албумот, на кој пијанистот, оркестарот и данскиот диригент работеа со „Linn Records“.
Во рецензијата на „Classica“ посебно место добива начинот на кој Трпчески и Сондергор го обликуваат музичкото време. Според рецензентот, и двајцата во одделни мигови создаваат впечаток дека времето речиси застанува. Слободата со која пијанистот ја обликува фразата и прецизноста на диригентот не си противречат: дијалогот меѓу пијаното и оркестарот звучи природно, како импровизација.
Рецензентот го издвојува необичниот почеток на Вториот концерт, а во првиот став особено ја цени леснотијата со која Трпчески ја свири втората тема. Во андалузиските епизоди од Петтиот концерт, познат како Египетскиот, пијанистот од клавишите извлекува звук налик на гитара. Според критиката, ни во најбрзите пасажи не се губат нијансите, а финалињата на двете дела звучат истовремено разиграно и заканувачки.
Забелешките се однесуваат главно на ударните инструменти. Тимпаните звучат придушено, особено на почетокот на скерцото од Вториот концерт, опус 22, а гонгот во балиската епизода од Египетскиот концерт одвај се слуша. Иако изведбата отстапува од вообичаената претстава за францускиот стил, рецензентот ја споредува со онаа на Стивен Хаф и Сакари Орамо во Бирмингем, објавена од „Hyperion“ во 2000 година. Интерпретацијата на Трпчески и Сондергор ја оценува како посмела, особено затоа што е изведена во живо.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.