Покрај геометриските шари и цветните мотиви, во џамијата се насликани и пејзажи во живи бои. Историчарот на уметноста Зоран Павлов ја вбројува меѓу најрепрезентативните примери на исламската архитектура од XIX век во Македонија. Според него, пејзажите се редок пример за тоа колку длабоко во Османлиската Империја продреле западните уметнички влијанија. Во сликарството на џамијата, европскиот барок и рококото се преплетуваат со традиционалната османлиска естетика.
Отвореното турбе до џамијата било подигнато најдоцна во првата половина на XVI век. Тоа сведочи дека верскиот комплекс опстојувал со векови.
Иницијативата за впишување на комплексот ја покренаа Националниот конзерваторски центар и Тетовското муфтиство на Исламската верска заедница. Националниот совет за културното наследство даде позитивно мислење, а министерот за култура и туризам Седат Сулејмани формираше шестчлена работна група. Ја координира Павлов, виш конзерватор и стручњак за османлиското културно наследство во Македонија.
На документацијата работат и архитектките Цветанка Хаџи Пецова, советник конзерватор, и Луиза Невзати, виш конзерватор, како и Зарије Амдиу Реџеп, советник конзерватор за ѕидно сликарство во Националниот конзерваторски центар. Во тимот се и Афет Јашари, државен советник за заштита на културното наследство во Министерството за култура и туризам, и Махмуд Емини од Тетовското муфтиство. Групата ја подготвува документацијата според Конвенцијата за заштита на светското природно и културно наследство и оперативниот водич за нејзина примена.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.