Чучков е една од значајните личности во процесот на создавањето на современата македонска држава, чија политичка кариера била прекината поради несогласувањата со тогашното југословенско и македонско партиско раководство.
Потекнувал од познато македонско револуционерно семејство. Неговиот чичко бил Ефрем Чучков, истакнат македонски војвода и близок соработник на Гоце Делчев.
Основното и средното образование го стекнал во Штип и Скопје, а во 1925 година дипломирал на Филозофскиот факултет. Неговата научна и професионална дејност била насочена кон географијата, етнологијата и историјата.
Меѓу основоположниците на македонската државност
Во 1943 година станал член на Акциониот народноослободителен комитет, а во април 1944 година бил избран за потпретседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Заедно со Методија Андонов Ченто учествувал во разговорите со Јосип Броз Тито на островот Вис, на кои било разгледувано македонското национално прашање.
На Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, Чучков бил избран за втор потпретседател на Президиумот на АСНОМ.
На 7 март 1945 година, со формирањето на Привремената сојузна влада на Југославија, предводена од Јосип Броз Тито, бил именуван за министер за Македонија.
Политичка маргинализација поради неговите ставови
Мане Чучков споделувал голем дел од политичките ставови на Методија Андонов Ченто во однос на македонското национално прашање, суверенитетот на Македонија и нејзината положба во југословенската федерација.
Своите ставови ги застапувал на седниците на сојузната влада, но и преку текстови објавувани во тогашниот југословенски печат.
Според Македонската енциклопедија, Чучков, заедно со група македонски интелектуалци, бил обвинет од Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија за дејствување спротивно на партиската линија.
Бил политички деградиран, а неговата министерска кариера во Белград завршила.
Првиот директор на „Танец“
По отстранувањето од сојузната влада, Чучков продолжил да работи во областа на македонската култура, образование и наука.
Бил директор на Народната библиотека, директор на Заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“ и соработник на новоформираниот Институт за национална историја.
Во 1949 година станал првиот директор на Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, денес една од најпрепознатливите македонски културни институции во светот.
Значаен придонес дал и во развојот на македонското високо образование и географската наука.
Починал на 1 септември 1967 година, на 65-годишна возраст.
Денес, 125 години по неговото раѓање, името на Емануел Мане Чучков ретко се споменува во јавноста, и покрај неговото непосредно учество во конституирањето на македонската држава, создавањето на нејзините институции и развојот на македонската национална култура.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.