Учесниците разговараа за порастот на насилството и на бројот на фемициди, за мизогинијата и шовинизмот, како и за мерките за спречување на насилството и справување со него. Василевска оцени дека земјите од регионот во последниве години поблиску соработуваат и разменуваат искуства преку Советот на Европа. Според неа, таа размена помага да се подигне јавната свест и да се поттикне поголема толеранција.
Попладнево парламентарците ќе разговараат и за насилството во дигиталниот простор. На тркалезна маса посветена на Истанбулската конвенција ќе ги разгледаат новите форми на родово базирано насилство и постојните механизми за превенција и заштита.
На седницата во Будва, парламентарци од земјите членки разговараат и за демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права. Постојаниот комитет го разгледа извештајот од набљудувањето на општите избори во Босна и Херцеговина и измените на одделни одредби од правилникот за работа на Парламентарното собрание. На дневен ред е и дебата за протестите и социјалните немири во Европа.
Седницата се одржува за време на шестмесечното црногорско претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа. На дневен ред е разговор со неговиот претседател Ервин Ибрахимовиќ, црногорски вицепремиер и министер за надворешни работи. Василевска и Ибрахимовиќ се сретнаа и одделно. Разговараа за блиските врски меѓу Македонија и Црна Гора и за можноста за поблиска соработка и поддршка во европските интеграции.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.