Со приказните и стиховите на Неделковски растеле повеќе генерации деца. За тоа како неговите дела ги поврзуваат тие генерации и за блискоста на писателот со младите читатели зборуваше промоторката на едицијата, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
На промоцијата, одржана на 26 ноември во „Дајмонд мол“, присуствуваа и ученици од паралелките VI-1 и VI-2 од училиштето „Песталоци“ во Центар. Неделковски неколкупати гостувал во нивното училиште, каде што на часовите по лектира разговарал со ученици од различни генерации кои ги читале неговите дела.
На промоцијата дојдоа и ученици од училиштето „Христијан Тодоровски Карпош“ од Карпош, заедно со наставничката Ана Страшевска и директорката Христина А. Борисовска.
Неделковски зборуваше за својот долгогодишен писателски пат и за љубовта кон пишувањето. Кога говореше за инспирацијата, рече дека детето во него е сѐ уште живо. „Децата се прва лига! Пишувањето за нив е привилегија“, порача тој, а најмладите ги повика да читаат секој ден.
Општина Карпош му оддаде признание на Неделковски за неговиот придонес во македонската книжевност за деца. На промоцијата присуствуваше градоначалникот Сотир Лукровски. За Општината, која ја поддржува македонската книжевност и културното творештво, јубилејот е потсетник дека литературата ги поттикнува и децата да творат, а новата едиција е можност приказните и стиховите на Неделковски да стигнат до нови млади читатели.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.