Целта на измените е да се заштитат граѓаните, а дел од предложените решенија произлегуваат од нивните пријави до Министерството за финансии. Димитриеска-Кочоска ги повика граѓаните и понатаму да пријавуваат ако се посомневаат во неправилности при одобрувањето кредити.
За одредени опомени и слични дејствија друштвата веќе не смеат да наплаќаат. Тоа го предвидува член 36 од Законот за заштита на потрошувачите. Иако не е надлежно за тој закон, Министерството во 2024 година испратило писмо до сите финансиски друштва за да ги потсети на забраната.
Годинава Министерството му посочило на Државниот пазарен инспекторат договорни одредби што укажувале на наплата на трошоци за кои Министерството не е надлежно. Наплатата на опомени, измамничките практики и измамничкото рекламирање се во надлежност на Инспекторатот.
Надлежностите зависат и од тоа што се проверува. Управата за јавни приходи ги контролира даноците, а Агенцијата за заштита на личните податоци е надлежна за личните податоци. Управата за финансиско разузнавање постапува во врска со промени во сопственоста и перење пари. Надлежности во работењето на финансиските друштва има и Финансиската полиција.
Самото Министерство е носител на регулативата за финансиските друштва и постапува самостојно според Законот за финансиски друштва и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Со консултанти од Трезорот на САД работи на зајакнување на надзорот.
Министерството ги засилило контролите особено по 2024 година. На четири финансиски друштва им ги одзело дозволите, а меѓу изречените мерки има и привремено затворање и глоби од околу 50.000 евра. Димитриеска-Кочоска очекува дека до крајот на годинава најверојатно ќе има нови прекршочни санкции за одредени друштва и најави дека и понатаму ќе се одземаат дозволи.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.