Ангела Здравковска, Марија Михајлова и Ивана Милошева учествуваа на форумот заедно со професорката Гордана Мулева. Вториот ден, по официјалното отворање, се одржа панел за улогата на Европа во новата вселенска трка, а потоа следуваше разговорот со астронаутот.
За велешките ученички форумот беше можност да се поврзат со врсници од други земји и да запознаат нови пристапи во науката, технологијата, инженерството и математиката. Една од целите е да се поттикнат повеќе девојки да се вклучат во науката и технологијата.
Свои идеи претставија тимовите што се пласираа во финалето на ученичкиот натпревар „Girls Go STEM Student Challenge“. По презентациите се одржа предавање, а потоа беа доделени наградите.
Учениците можеа да работат со ментори, а за наставниците, менторите и родителите имаше посебна сесија за интелектуалната сопственост и вештачката интелигенција. Учесниците можеа и да ги посетат штандовите на партнерските организации и да разменат искуства. Денот заврши со заедничка вечера во „Folklore Garden“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.