Во Србија, за разлика од Македонија, истрагата веќе довела до нови приведувања, рече Фрчкоски на прес-конференција. Според него, во притвор се Давор Мацура, сопственик на Алта банка, и Татјана Бундало, директорка на белградската „Алта груп“. Двајцата се осомничени за кривични дела поврзани со изнесување околу 17 милиони евра во готовина од трезорот на банката. Повикувајќи се на српски медиуми, Фрчкоски рече дека околу 370 милиони евра биле фиктивно книжени и никогаш не влегле во трезорот.
И Бундало и Мацура имаат деловни врски во Македонија, тврди Фрчкоски. Тој рече дека антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објавува нови документи и посочи две скопски фирми: според него, Бундало е сопственичка на „Алта Реал Естате ДООЕЛ Скопје“, а поврзана е и со „Алта груп ДООЕЛ Скопје“. За Мацура рече дека е член на Надзорниот одбор на Алта банка АД Битола и дека ја купил ЗОИЛ Македонија за 1,7 милиони евра.
Фрчкоски тврди дека деловните врски меѓу ВМРО и СНС, односно меѓу Мицкоски и Вучиќ, за кратко време се прошириле и на други фирми, покрај Алта банка, Алта осигурување и јавните претпријатија. За влезот на банката во Македонија обвини организирана криминална група на ВМРО и порача дека ќе има одговорност.
Според Фрчкоски, Славески јавно кажал дека за влезот на Алта банка се консултирал со Мицкоски. Тој го обвини Мицкоски дека вчера избегнал да му одговори на претседателот на СДСМ, Филипче, со кого го договарал влезот на банката во земјата.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.