Новите дрвја се засадени во изминатите две години како замена за старите. Пред сечењето, „Комуналец“ им остави време на садниците да се вкоренат, да се приспособат и да почнат да растат.
Според „Комуналец“, двете стари дрвја имале скапана срцевина. Претпријатието тврди дека поединци намерно објавиле фотографии само од здравите делови на стеблата, а реакциите на дел од граѓаните им ги припишува на лични и дневнополитички мотиви.
Од претпријатието велат дека опасните дрвја треба да се отстранат навреме за да се избегнат повреди и штета на имотот. При неодамнешните невремиња екипите интервенирале и ноќе поради паднати дрвја. „Комуналец“ оспори и тврдење објавено утрово на Фејсбук дека негови работници намерно исекле маслинка во населбата Точила. Според претпријатието, маслинката паднала од силен ветер пред извесно време. Во близина имало деца, но никој не бил повреден.
„Комуналец“ се пожали и дека поединци ги навредувале работниците додека работеле, ги снимале без претходно да разговараат со нив и ги објавувале снимките на социјалните мрежи. Според претпријатието, таквото однесување ги вознемирува вработените, а притисокот врз екипите ги одложува потребните интервенции. Ги повика граѓаните да поставуваат прашања, да бараат објаснување и да изнесуваат аргументирани критики без навреди кон теренските работници.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.