Д-р Бојана Димовска Гоновска ги претстави резултатите од анализите на почвите и сознанијата за нивната загаденост. Проф. д-р Иван Минчев објасни како географските информациски системи (ГИС) овозможуваат овие податоци да се обработат и да се толкуваат според местоположбата, а резултатите да се прикажат на тематски карти.
Атласот и веб-платформата се резултат на проектот „Информативен систем за агрохемиски својства и загаденост на земјоделските почви“, финансиран од Министерството за образование и наука. Раководителката на проектот и главна истражувачка, проф. д-р Билјана Јорданоска Шишкоска, објасни врз каква научна основа се развива системот, што е ново во пристапот и што сработил тимот за да ги подреди и обработи податоците.
Во истражувањето учествуваа и младите соработници м-р Катерина Драгарска и м-р Стефан Тошески. Тие зборуваа за сопственото искуство и за можностите што им ги дава работата на научен проект за да се усовршуваат како истражувачи.
Презентацијата ја организираа Институтот и КРЕДО центарот при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, во чиј состав е и прилепскиот институт. На настанот зборуваа проректорката проф. д-р Светлана Николоска, претставничката на Министерството Светлана Пинева, претседателката на Одборот за евалуација на високото образование проф. д-р Мила Арапческа и проф. д-р Трајче Стафилов, почесен член на МАНУ.
Учесниците нагласија дека грижата за податоците за почвите е и општествена одговорност: навремените информации можат да помогнат при носењето одлуки за подобрување на земјоделското производство и за заштита на животната средина. Директорката на Институтот, проф. д-р Валентина Пеливаноска, зборуваше за тоа како системот би можел да се одржува и да се надградува во соработка со други институции и организации.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.