На инвестициската конференција „ЕУ – Западен Балкан“, Азески, кој е и в.д. претседател на Коморскиот инвестициски форум, побара од министрите да им пренесат на учесниците на денешниот Лидерски самит во Тирана дека фирмите се подготвени да инвестираат и да се приспособат на економската интеграција, но дека владите мора да ги обезбедат потребните прописи и инфраструктура.
Поминаа три години од воведувањето на Планот за раст. Форумот го поддржува од почеток бидејќи ги поврзува реформите со директен пристап до единствениот пазар на ЕУ и со финансиска поддршка. Сепак, според Азески, старите пречки и натаму го забавуваат економското приближување на регионот кон ЕУ, а од нивното отстранување зависат опстанокот и конкурентноста на компаниите.
За производителите и извозниците на челик, една од тие пречки се тарифните квоти на ЕУ. Само ограничено количество челик може да се извезе без царина, а по исцрпувањето на квотата се плаќа дополнителна царина. Азески предупреди дека на нивниот најважен извозен пазар нарачките може да отидат кај конкурентите. Тоа би можело да ги намали извозот и производството и да ги загрози инвестициите и работните места.
За производите од регионот да влегуваат на европскиот пазар без двојни контроли и дополнителни трошоци, Азески побара усогласување со индустриските стандарди и склучување спогодби за оцена на сообразноста („ACAA“). Побара и итна, координирана поддршка при примената на механизмот за јаглеродно прилагодување на границите (ЦеБАМ) и при поврзувањето на енергетските пазари, за извозниците да не претрпат ценовен шок.
Азески ги поддржа иницијативата „Роаминг како дома“, дигиталните иновациски центри и најавениот Фонд за забрзан раст на Западен Балкан. За финансиската поддршка да стигне и до малите и средните претпријатија, кои тој ги смета за столб на економиите во регионот, побара поедноставни постапки за пристап до средствата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.