Посебна цел беше да се отворат можности за вработување и за луѓето од ранливите групи и од малцинските заедници. Преку непосредните средби, работодавачите можеа да воспостават контакт со кандидати од домашниот пазар на трудот, а луѓето од овие заедници да добијат можност преку работа да се вклучат во економскиот живот.
Никола Димковски, експерт во Регионалната комора во Битола, го отвори саемот со оценка дека недостигот на работници е еден од најголемите предизвици за македонското стопанство. Затоа, смета тој, на компаниите им е потребна потесна соработка со институциите и организациите што им помагаат на невработените да најдат работа.
Стопанската комора на Македонија укажува и на иселувањето, почестото менување на работните места и растечкиот јаз меѓу понудата и побарувачката на работна сила. Комората го организираше саемот заедно со Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, со учество и поддршка од регионалните комори во Прилеп и Битола.
Саемот се одржува во последователни години како дел од пошироките напори за вработување домашни работници, вклучително и луѓе од ранливите групи. Долгорочната цел е преку таквата соработка да се создадат услови за поодржлив економски развој.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.