За да го спречат насилството, основните и средните училишта се обврзани во годишните програми да предвидат работа со учениците против врсничкото насилство и другите облици на дискриминација. Јаневска рече дека обврската е воведена со законите за основно и за средно образование на почетокот на мандатот на сегашната власт и дека училиштата веќе ја исполнуваат. Според неа, насилството е облик на дискриминација, а училиштата сега поактивно му се спротивставуваат отколку во изминатите години.
Јаневска оцени дека и врсничкото насилство и насилството врз жените постоеле и порано и дека Македонија не е единствената земја што се соочува со нив. Она што ја загрижува денес, рече таа, е бруталноста: од младоста не памети гасење цигари врз кожата на жртвата, присилно соблекување или понижување при кое жртвата мора да моли за да не биде физички повредена.
Според министерката, порано за насилството не зборувале отворено ниту жените, ниту наставниците и родителите. Таа смета дека отворениот разговор е чекор напред, но дека за насилството да се сведе на минимум, постојните решенија треба поинтензивно да се применуваат.
Јаневска зборуваше на настан од кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“. Настанот го организираа Унијата на жени, Градскиот комитет и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.