Левица предложила и општински градежни парцели по цена од едно евро за квадратен метар. За разлика од иницијативата за комуналиите, овој предлог ги опфаќал и повеќедетните семејства, покрај младите брачни парови и самохраните родители.
Од ноември 2025 до ноември 2026 година, првата година од четиригодишниот мандат, Советот одржа 16 седници. При расправата за буџетот за 2026 година и за буџетските програми, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги одби сите седум амандмани на Левица. Советничката група тврди дека мнозинството ги одбивало нејзините предлози само затоа што доаѓале од Левица. Партијата ги оценува како штетни политиките на коалицијата во урбанизмот, образованието и заштитата на животната средина.
Советниците се спротивставуваат на градењето згради во обем кој го опишуваат како масовна бетонизација на општината. Со жители на улиците „Мице Козар“, „Пробиштипска“ и „Ѓуро Салај“ разговарале како да им помогнат да ја оспорат постапката за донесување на деталниот урбанистички план СЗ 21, кој Левица го оценува како штетен. Жителите поднеле анкетни листови со забелешки за планот. За справување со дивоградбите, советниците предложиле соработка меѓу инспекциските служби на Општината и на Град Скопје.
Во Хром, советниците разговарале со жители за еднонасочен сообраќај и поднеле иницијатива да се изработи сообраќаен проект за населбата. За Ново Село предложиле решение за забавување на сообраќајот, а спроти новата општинска зграда побарале да се уреди паркингот зад стариот маркет КАМ.
Во Стопански Двор, жителите и советниците разговарале за изградба на канализација за новоизградените згради. За Волково, советничката група поднела иницијатива за канализација на улицата 37. Покрај 14-те иницијативи, поднела и едно барање: мрежата за улично осветлување да се прошири и на улицата 23 во Волково.
Со родители на ученици од основните училишта „Мирче Ацев“ и „Димитар Поп Георгиев Беровски“, советниците разговарале за спречување на насилството меѓу малолетниците. Со потписи побарале вонредна седница на Советот на која би се предложиле мерки против насилството и малтретирањето меѓу учениците. Со родители од „Мирче Ацев“ разговарале и за набавка на униформи за основците, а за самото училиште предложиле реконструкција на тоалетите.
За општинските основни училишта и градинките, Левица предложила набавка на прочистувачи на воздух. За следење на квалитетот на воздухот во општината побарала мобилна мерна станица и сензори со ниска цена. Меѓу иницијативите биле и изработка на општински енергетски план и субвенционирање на стерилизацијата на кучиња и мачки во соработка со ветеринарни амбуланти.
Советниците предложиле и седниците на Советот да се пренесуваат во живо, а во општинската зграда да се уреди сала за склучување бракови.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.