Проверките ќе ги опфатат и рекламите и самата продажба. Инспекторите ќе утврдуваат дали рекламите содржат неточни информации или ги доведуваат купувачите во заблуда, дали цените се правилно означени и дали на купувачите им е јасно под кои услови важи попустот. Целта е трговците да ги спроведуваат акциите законски, а потрошувачите да бидат заштитени од нечесни практики.
Посебно внимание ќе има за апаратите и другите производи за домаќинство, вклучувајќи ја белата техника, како и за електронските уреди, мобилните телефони и компјутерската опрема. Инспекторите ќе ги проверуваат и понудите за облека, обувки, мебел и други производи на попуст.
Инспекторатот ги повика трговците да ги почитуваат законските обврски и јасно и точно да ги прикажуваат цените и намалувањата. Ако утврди неправилности, ќе преземе инспекциски и законски мерки во рамките на своите надлежности.
На купувачите им препорачува да ги проверат означената цена, условите за попуст и информациите за производот пред да одлучат дали ќе го купат. Ако забележат неправилност или ако им се повредени потрошувачките права, можат да пријават на бесплатниот телефонски број 191 или преку веб-страницата на Инспекторатот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.