Според бројките што ги изнесе Битиќи, од вкупно 440,44 милијарди денари расходи, 399,62 милијарди се тековни, а 40,82 милијарди денари се капитални расходи. Тој посочи дека тоа значи речиси 91% од парите за тековно функционирање и 9,3% за капитални вложувања, оценувајќи дека се продолжува економски модел што ги исцрпува развојните можности на државата.
„За секој дополнителен денар планиран за капитални инвестиции, се предвидуваат приближно пет и пол дополнителни денари за камати“, рече Битиќи. Според него, ваквиот сооднос покажува дека товарот од јавниот долг расте многу побрзо од вложувањата во економската иднина.
Битиќи наведе дека јавниот долг достигнал 10,93 милијарди евра, наспроти 8,48 милијарди евра на крајот на 2023 година. Разликата од 2,45 милијарди евра, односно речиси 29%, ја посочи како дополнително задолжување за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Пресметано по жител, рече тој, долгот изнесува приближно 6.000 евра за секој граѓанин, вклучително и за новородените деца.
Тој ја обвини власта дека статистичката корекција на БДП ја претставува како економски успех и намалување на задолженоста, иако апсолутниот износ на долгот продолжува да расте. Нагласи дека не ја оспорува методологијата на Државниот завод за статистика, туку политичкото претставување на ревизијата како фискална консолидација. „Државата должи повеќе, а процентуално изгледа помалку задолжена“, рече Битиќи, додавајќи дека ревизијата не отплатила ниту едно евро од долгот и дека каматите остануваат.
Во споредба со ребалансот за 2026 година, според неговото излагање, Владата планира 21,25 милијарди денари повеќе приходи и речиси 20 милијарди денари дополнителни расходи, додека дефицитот се намалува за 1,26 милијарди денари. Битиќи предупреди дека предложениот дефицит од 3,5% од БДП го надминува основното законско правило од три проценти и побара Владата да даде конкретни аргументи и економско оправдување за отстапувањето.
Одделно, повикувајќи се на процена на Светската банка според нејзината сопствена методологија, тој наведе дека со вклучувањето на Јавното претпријатие за државни патишта проектираниот дефицит за 2027 година се зголемува од 4 на 4,4 проценти од БДП.
Битиќи ги спореди и макроекономските очекувања. Според бројките што ги наведе, Владата проектира раст од 3,8% и инфлација од 3,2%, додека октомвриските проекции на ММФ се за раст од 3,2% и инфлација од 4,5%. За Светската банка ги посочи проекциите за раст од три проценти и инфлација од 3,6%. Тој додаде дека Фискалниот совет бара алтернативно буџетско сценарио, што го оцени како предупредување за поголема претпазливост, нагласувајќи дека макроекономскиот оптимизам не може да ја замени финансиската подготвеност.
Осврнувајќи се на животниот стандард, пратеникот рече дека во новиот буџет нема повисока минимална плата. Тој наведе дека октомвриската минимална синдикална кошница достигнала 70.358 денари, а храната за четиричлено семејство чинела 26.170 денари, повеќе од минималната плата од 26.046 денари. Според него, една минимална плата не ја покрива ни основната семејна исхрана, а две не се доволни за основните месечни трошоци.
Битиќи потсети на предлогот на СДСМ за минимална плата од 600 евра, придружен со мерки за зајакнување на продуктивноста и поддршка на малите работодавачи. Тој оцени дека буџетот треба да се мери и според тоа дали трудот им овозможува на граѓаните достоинствен живот.
Во делот за развојните политики, тој ја обвини Владата дека ги запоставува домашните мали и средни претпријатија. Наведе дека тие сочинуваат 99,8% од деловните субјекти, а за нивната развојна потпрограма се планирани 15,34 милиони денари, додека за финансиска поддршка на инвестициите се предвидени 1,06 милијарди денари. Неговата оценка беше дека домашните компании се мнозинство во економијата, но остануваат на периферијата на владините политики.
Битиќи ја поврза расправата за управувањето со над 440 милијарди денари јавни средства и со случајот Алта банка, обвинувајќи ја Владата за нетранспарентност и избегнување институционална одговорност. Тој тврдеше дека во двете теми се препознаваат нетранспарентни интереси и политички влијанија. Порача дека со јавните пари се одржува постојниот економски модел наместо да се отвораат нови можности за граѓаните, а поддршката за буџетот ја услови со вистинска борба против корупцијата и криминалот и со реформи во секој сектор што би отвориле можности за новите генерации.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.