Предлогот за бесплатно школување опфаќа бесплатни учебници и ослободување од партиципација на сите државни универзитети. Меѓу студентите кои би имале право на оваа помош, Демократи ги издвојуваат оние од семејства со ниски приходи, талентираните студенти со висок просек и студентите со ретки болести. За истите групи партијата бара бесплатно сместување и храна во домовите, како и бесплатен градски и меѓуградски превоз.
Демократи бараат и подобри услови за сместување и исхрана во студентските домови. Партијата смета дека без подобар студентски стандард сѐ повеќе млади ќе заминуваат во земји што нудат повисоки стипендии и подобри услови за школување и работа.
Барањето за укинување на субвенцијата доаѓа откако на средба со премиерот Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска на студентите им биле понудени ваучери за храна. Јаневска објаснила дека системот би бил сличен на словенечкиот: со ваучерите студентите би можеле да купуваат храна во одредени продавници, сендвичарници, пекарници, ресторани и бифеа.
Студентите тврдат дека надоместокот три години не е усогласен со инфлацијата. Јаневска го отфрли тоа тврдење. Таа посочи дека со законските измени од 2023 година износот е зголемен од 120 на 140 денари и дека покачувањето од 20 денари ја покрива 2025 година и дел од 2026 година.
Демократи го оценија како нелогичен и нехуман ставот дека покачувањето е доволно. Тие ги обвинија Мицкоски, Владата и Јаневска дека со субвенцијата ги залажуваат студентите и го повторија барањето министерката веднаш да поднесе оставка.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.