Кога бил откриен во 1960 година, черепот бил прицврстен за карпата со калцит. Водата што капела во пештерата со текот на времето наталожила минерална кора врз коската. Со методот на ураниумски серии, тимот ја одредил староста на слојот што ја допирал коската. Черепот веќе бил таму кога почнал да се таложи калцитот, па староста на тој слој ја дава долната граница, а не точната старост на фосилот.
Меѓу авторите на студијата, објавена во „Journal of Human Evolution“, се палеоантропологот Крис Стрингер и Кристоф Фалгер. Според нивната процена, черепот најверојатно му припаѓал на млад возрасен маж кој живеел пред околу 300.000 години. Бил човек од родот „Homo“, но не припаѓал на нашиот вид, „Homo sapiens“, ниту бил класичен неандерталец.
Черепот има изразени надочни лакови, но ги нема цртите на лицето карактеристични за класичните неандерталци. Овие особености упатуваат на постара човечка гранка која живеела во Европа напоредно со раните неандерталски популации. Фосилот најчесто се вбројува во видот „Homo heidelbergensis“, иако е можно да припаѓал на блискосродна европска група од средниот плеистоцен.
Черепот од Петралона многу наликува на черепот од Кабве во Замбија, познат и како Брокен Хил, кој исто така е стар околу 300.000 години. Двата фосила укажуваат дека во тоа време во Африка и во Европа живееле различни популации од родот „Homo“, кои подоцна ги заменил „Homo sapiens“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.