Со децении научниците ги разликувале коралите главно според нивните скелети. Кај многу видови скелетите се толку слични што истражувачите ги сметале дури и примероците со одредени разлики во изгледот за припадници на ист вид. Така, различни корали добивале исто научно име.
За да ја провери таа класификација, тимот предводен од Универзитетот „Џејмс Кук“, во соработка со проектот „CoralBank“ на Музејот на Квинсленд, собрал свежи примероци и ја секвенционирал нивната ДНК. Покрај 12-те претходно споени со други видови, истражувачите потврдиле и уште четири вида чиј статус дотогаш бил неизвесен.
Коралите од родот „Acropora“ помагаат да се изградат сложените структури на гребенот во кои бројни морски организми наоѓаат засолниште, се хранат и се размножуваат. Големиот Корален Гребен, најголемиот систем на корални гребени во светот, се протега на околу 2.300 километри долж североисточниот брег на Австралија.
Но кога под едно име се водат повеќе видови, може да се добие погрешна слика за тоа колку е распространет секој од нив. Она што се сметало за еден широко распространет вид можеби се неколку вида што живеат на многу помали подрачја. Поради тоа, некои од нив би можеле да бидат поизложени на ризик од исчезнување, особено со оглед на морските топлотни бранови и повтореното избелување на коралите што ги загрозуваат гребените ширум светот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.