Целта на Центарот е преку секојдневното дружење и учење постарите да останат активни и да се чувствуваат прифатени, корисни и ценети. Во октомври заедно боеја, сликаа, плетеа и правеа ракотворби. За вежбање на помнењето и концентрацијата решаваа логички задачи, учествуваа во квизови и правеа вежби за меморија.
На неделните работилници со психолог разговараа за тоа како се чувствуваат, за позитивното размислување и за поддршката што можат да си ја дадат едни на други. Го одбележаа и Светскиот ден на менталното здравје.
По повод Светскиот ден на остеопорозата, Центарот организираше мерење на коскената густина. По презентацијата на физиотерапевтите, корисниците можеа да поставуваат прашања и да побараат совет. При посетата на физиотерапевтите имаа можност и за масажа, релаксација и вежбање.
За редовно движење и подобра кондиција, фитнес-тренер води вежби приспособени на можностите и потребите на секој корисник. Медицинската сестра редовно им ги следи виталните функции и ги советува како да се грижат за здравјето.
Корисниците дел од времето поминаа и надвор од Центарот, со посети на прилепското средно училиште „Орде Чопела“ и на Општина Кривогаштани. Во Кривогаштани учествуваа на настан по повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата и ги поддржаа пораките за солидарност, еднаквост и социјална вклученост. За поддршката што самите можат да ја добијат разговараа на работилница со социјалните работници од прилепското Здружение Центар за развој и едукација, посветена на социјалните права и достапните услуги.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.