Телата треба да ги анализираат разликите меѓу „ISO“ 14001:2015, вклучувајќи го и „Amd“ 1:2024, и „ISO“ 14001:2026, да подготват план за транзиција и да ги ажурираат документите и постапките. Треба да ги утврдат потребните компетенции на персоналот, да ја преиспитаат постапката за определување на времетраењето на аудитите и да воспостават начин за управување со сертификатите и информирање на постојните клиенти.

Со изјавата се доставуваат анализа на разликите, план за транзиција и имплементација, ревидирана документација и докази за компетенциите на релевантниот персонал. Треба да се приложи и постапка за определување на времетраењето на аудитите, доколку е применливо, како и постапка за управување со сертификатите во транзицискиот период.
ИАРСМ ќе ги разгледа изјавата и доказите и треба да донесе одлука за транзиција на акредитацијата најдоцна до 30 април 2027 година. Посебна оцена на документацијата, оцена во седиштето или сведочење пред одлуката не се задолжителни, но институтот може да побара дополнителни активности врз основа на проценет ризик и специфични околности.
Сертификациските тела ќе можат да издаваат акредитирани сертификати според „ISO“ 14001:2026 само по позитивна одлука на ИАРСМ за транзиција на нивната акредитација. По 31 октомври 2027 година нема да биде дозволено издавање нови иницијални акредитирани сертификати според „ISO“ 14001:2015.
Организациите што веќе имаат сертификат треба да ја завршат транзицијата до 30 април 2029 година. По тој датум акредитацијата за сертификација според „ISO“ 14001:2015 повеќе нема да важи. При следните редовни оценки ќе се проверува спроведувањето на транзицијата, а пред крајот на периодот треба да се реализира најмалку едно сведочење на аудит според „ISO“ 14001:2026.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.