Во разговорот се вклучија и претставници на државни и локални институции, образованието и граѓанските организации. Коњановски рече дека оние што носат одлуки имаат обврска да ги слушнат младите и заедно со нив да бараат решенија. Тој очекува поблискиот дијалог да им помогне на младите да ги посочат конкретните пречки и да предложат како образованието, спортот и можностите за личен развој да им станат подостапни.
За младите што го прекинале школувањето, претседателката посочи дека можат да го продолжат преку програмите за основно образование за возрасни. Таа ја нагласи улогата на менторите, врсниците и граѓанските организации во враќањето на младите во образованието.
Младите зборуваа и за малолетничките бракови. Претседателката рече дека и девојчињата и момчињата имаат право на детство. Според неа, за да се спречат малолетничките бракови, со младите треба навреме да се разговара за љубовта, сексуалноста и заштитата, а со семејствата да работат стручни лица.
Средбата „Гласот на младите – еднакви можности и иднина без насилство“ ја организираше битолското Здружение за развој на ромската заедница „Сумнал“ како дел од проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер плеј“. Со поддршка од Општина Битола, здружението организира работилници, спортски активности, тимски предизвици и интерактивни средби. Според Коњановски, тие им помагаат на младите да комуницираат без насилство, да се справуваат со конфликти, да се почитуваат меѓусебно и да градат самодоверба додека работат во тим.
Претседателката посочи дека навредите, понижувањето и вербалната агресија често им претходат на други облици на насилство. Затоа, според неа, децата треба да се воспитуваат во духот на ненасилството уште од најрана возраст.
Силјановска Давкова рече дека вреди да се вложува во спортот бидејќи тој ги поттикнува и натпреварувачкиот дух и толеранцијата. Таа посочи дека Коњановски, кој е лекар, добро ја познава врската меѓу спортот и физичкото и духовното здравје, а на младите им порача дека спортот им дава и самодоверба. Зборувајќи за спортот во дипломатијата, претседателката оцени дека преку спортот, културата, науката и образованието понекогаш може да се постигне повеќе со помалку труд отколку со традиционалната дипломатија.
Претседателката се присети дека спортот бил дел од нејзиното училишно секојдневие. Успесите на нејзината генерација, рече таа, им давале чувство дека „во светот значиме нешто“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.