Во „Тема на денот“ на ТВ Сител, Лукаревска посочи дека Славески во друго интервју рекол дека не знае во чија сопственост е Алта банка. За неа, таа изјава е противречна со постапката на Народната банка, која дала согласност Давор Мацура да биде член на Надзорниот одбор на Алта банка.
Лукаревска побара од гувернерот да ги објасни и неговите односи со Комисијата за хартии од вредност, како и постапувањето на Македонската берза, која, како што рече, ја ставила Алта банка на проверка. Според пратеничката, Славески требало смирено и прецизно да ја објасни постапката за влезот на Алта банка, а наместо тоа нервозно реагирал на новинарските прашања и се препукувал со политичари на Икс. Таквото постапување таа го оцени како неодговорно.
На надзорната расправа Лукаревска побарала оставка од Славески, чиј мандат трае седум години. Гувернерот има рок од 20 дена да одговори на интерпелацијата.
Паралелно продолжува надзорната расправа за Алта банка. Лукаревска најави дека сведоците кои досега не се одѕвале ќе добијат нова покана, а нивните имиња ќе бидат објавени на веб-страницата на Собранието. Таа смета дека поканетите имаат морална обврска да објаснат пред јавноста како постапувале во случајот.
По сослушувањето на сите сведоци, Лукаревска очекува заклучоците од расправата јавно да се презентираат. Според неа, тие треба да покажат кој треба да сноси одговорност, кои контроли потфрлиле и што треба да се промени за да се зајакне надзорот.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.