Податоците од кошничката беа посочени при гостувањето на заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на Сител. Ако семејството плати 2.500 денари за парно, од сумата во кошничката би му останале 756 денари за струја и за сите други трошоци за домување за цел месец, пресмета Левица. Партијата тврди дека власта ги подготвува граѓаните за трето поскапување на парното во рок од една година и за ново поскапување на струјата.
Левица бара Министерството да ја објави целата методологија со детална структура на трошоците. Според партијата, во кошничката не се вклучени киријата, станбените кредити и годишниот одмор. Забелешката е и во тоа што се мери колку семејствата потрошиле, а не колку им е потребно за живот. Така, предупредува Левица, колку помалку можат да си дозволат граѓаните, толку поевтин ќе изгледа животот во владината пресметка.
Партијата ја смета изработката на владина кошничка наспроти синдикалната за дел од судирот на ВМРО-ДПМНЕ со синдикатите. Ја обвинува власта дека ги приспособува пресметките на својата економска политика наместо политиката да ја приспособи на потребите на населението.
Левица им забележува на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ дека одредуваат колку вода и греење му се потребни на едно работничко семејство, додека нивните службени патувања и трошоци за репрезентација се плаќаат од буџетот. Од Владата бара да работи на намалување на сиромаштијата преку повисоки плати и пониски сметки, наместо преку пресметки што, според партијата, ја прикажуваат сиромаштијата како пристоен животен стандард.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.