На панелот „Мајчинството преку призмата на верата“, покрај Вуковиќ, говореа Анета Јовковска, Нада Андреева и Вилдане Калоши. Учесничките зборуваа за мајчинството низ духовните и етичките вредности на своите верски заедници. Калоши цитираше делови од Куранот за достоинството на мајката во исламот и ја нагласи важноста на почитта, благодарноста и грижата кон неа.
На панелот „Општествено реализирани жени-мајки“, Мимоза Рајл избра пример од македонската црковна уметност: средновековната фреска „Оплакување на Христос“ во црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези. За Рајл, болката на Богородица прикажана на фреската го изразува универзалното значење на мајчинската љубов.
Ивана Ѓорѓиевска го опиша учеството во локалната политика и од гледна точка на своето семејство. Раскажа како нејзините деца ги доживуваат нејзиниот политички ангажман, функцијата и одлуките што ги носи. За неа, еден од предизвиците е да ги усогласи одговорностите на јавната функција со семејниот живот.
Александра Иванова, мајка, претприемачка и носителка на јавна функција, даде примери како работната средина може да им остави на вработените жени повеќе време за себе и за семејството. Таа зборуваше и за тоа како да се зачува сопствениот идентитет покрај општествените очекувања и предизвиците во кариерата. „Што и да бидете во животот, секогаш бирајте да бидете боја во сето сиво“, порача Иванова.
Рашела Мизрахи оцени дека мајките имаат суштинска улога во создавањето и развојот на нацијата и во обликувањето на иднината на државата. Таа направи разлика меѓу почитта и толеранцијата: секој заслужува почит, но насилството не смее да се толерира.
По повод почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против семејно насилство“, на дискусијата се носеа портокалови цветови посветени на жените кои трпат насилство и немаат можност да проговорат. Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, која ја организираше дискусијата, повика на заедничка борба против насилството врз жените и на создавање мрежа за нивна заштита и поддршка.
На отворањето Трајковска го опиша мајчинството како света и благородна улога, но и како голема одговорност за која се потребни општествена солидарност и меѓусебна поддршка на жените. За Комисијата, почитта кон мајката е секојдневна општествена одговорност и подразбира заштита на достоинството на жената. Трајковска најави дека во 2027 година Комисијата ќе почне кампања посветена на семејството.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.