Филипче ја нарече Алта банка „најкриминалната банка во Европа“. Тврдеше дека Вучиќ преку неа перел пари и дека во банката имало руски пари и пари од шверц на дрога. Во тој контекст зборуваше и за забрани низ Европа.
Според Филипче, Давор Мацуа прво бил спречен да влезе во Македонија преку една компанија, а потоа власта му дозволила да влезе преку банката. Го праша Мицкоски што се сменило во меѓувреме. На тврдењето дека проблемот бил увезен, Филипче возврати дека токму власта го увезла и праша зошто сега бара решение ако претходно тврдела дека нема проблем.
Филипче рече и дека му се закануваат луѓе од Србија со кои, како што тврди, Мицкоски подготвува увоз на мазут. Побара од премиерот да им пренесе да престанат со заканите и порача дека не се плаши: „Затоа што јас сум на страна на Македонија. Вие сте на страна на криминалот“. Го обвини Мицкоски дека наместо да се грижи за интересите на граѓаните, свесно избрал да владее со манипулации, контрола и дезинформации.
Зборувајќи за економијата откако Мицкоски е премиер, Филипче оцени дека граѓаните осиромашуваат. Го оспори тврдењето дека Македонија е трета економија во Европа, велејќи дека земјата е на дното по бруто-домашен производ по жител. Според него, во изминатите две години цените пораснале за 30 до 40 проценти, вклучително и цените на основните производи и на горивото.
Филипче тврдеше дека вкупниот долг на државата пораснал за 50 проценти, од осум на речиси 12 милијарди евра. Ја обвини власта дека се задолжува за тековни трошоци на товар на следните неколку генерации.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.