Повод за прашањето, рече Мираковска, е јавната изјава на Славевски дека за влезот на Алта банка се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски. На 1 септември 2025 година Народната банка дала претходна согласност Алта банка да стекне до 100% од акциите на Стопанска банка АД Битола. Пратеничката ги спомена и прашањата во јавноста за политичките и деловните врски на Мацура во Србија. Ја праша Силјановска Давкова што знаела за состојбата со капиталот на Алта банка и дали постоел ризик во Македонија да се повтори сценарио слично на она во Србија.
Мираковска побара објаснување и за самата номинација, бидејќи претседателката го предлага кандидатот за гувернер и е должна да го образложи изборот. Силјановска Давкова навела три критериуми: стручност и компетентност, достоинство и интегритет и „реална можност за именување“. За Мираковска е спорен последниот критериум: дали пресудиле професионалните и етичките квалитети на кандидатот или извесноста дека мнозинството ќе гласа за него?
На 21 мај 2025 година претседателката предложила да се постигне консензус, а веќе на 22 мај Мицкоски јавно најавил дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат нејзиниот предлог, потсети Мираковска. Според неа, за претходната гувернерка Анита Ангелоска Бежовска имало согласност со опозицијата, додека за Славевски немало ни обид да се постигне. Затоа побара одговор дали Мицкоски вршел притисок врз Силјановска Давкова да го номинира Славевски и дали неговото име ѝ го дала владејачката партија.
Повикувајќи се на член 50 став 3 од Законот за Народната банка, Мираковска праша дали за гувернерот партиската лојалност е поважна од независноста што ја бара функцијата. Ја потсети претседателката на нејзиниот став дека монетарната и финансиската стабилност се јавно добро, а институционалната независност е услов за професионално одлучување. Според Мираковска, гувернерот треба да ја штити таа стабилност за повеќе од 500.000 граѓани што гласале за Силјановска Давкова да не мора да се прашуваат дали ќе ги добијат своите средства.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.