Градот сега очекува заедницата да изрази интерес за учество. Во писмото до неа нагласува дека фестивалот треба да биде отворен за сите заедници. Секоја група на парадата ќе може да го изрази својот културен идентитет во согласност со Повелбата за човекови права и одговорности на Викторија.
За мартовската парада младите со месеци вежбале и изработувале костими за да го претстават културното наследство на своите семејства. Според заедничкото соопштение на претставниците на македонската заедница, Градот не се консултирал со нив пред да одлучи да не дозволи истакнување културни знамиња.
Во извинувањето од 16 ноември Градот признава дека последиците за заедницата биле значителни, иако ненамерни. Во писмото, потпишано од Сара Квон, генерална раководителка за деловна економија и активности во Градот Мелбурн, се вели дека многу изведувачи, семејства и претставници на заедницата почувствувале дека нивниот идентитет и наследство не биле разбрани или почитувани. Извинувањето се однесува на одлуката и на нејзините последици и не претставува признание за незаконитост, политички мотив или намерна дискриминација.
По откажувањето на настапот, македонските организации разговарале со Градот за тоа како била донесена одлуката и што треба да се промени за случајот да не се повтори. Во разговорите се вклучила и фирмата „Kristen Hilton Advisory“, која Градот ја ангажирал за независен преглед. Нејзин основач е Кристен Хилтон, поранешна комесарка за еднакви можности и човекови права во Викторија.
Од ФОМКУД Викторија се вклучиле претседателот Џорџ Ламбески и секретарот Стој Јововски, а од Наша Македонија д-р Анета Ренфрос и Розета Стојковска. Во решавањето на случајот учествувале и Роза Стојковска и советничката Кони Боглис, која се вклучила во лично својство. Меѓу потписниците на заедничкото соопштение се д-р Пандора Петровска од Македонскиот совет на Австралија и Крис Ангелов, претседател на Советот на македонските заедници во Австралија.
Независниот преглед ги опфатил консултациите со заедницата, почитувањето на човековите права и начинот на кој градските служби постапуваат со чувствителни прашања и ги упатуваат до повисоко ниво на одлучување. Според наодите, вработените во градскиот совет постапувале со добра намера, водејќи сметка за безбедноста на заедницата, но начинот на кој ја донеле одлуката не ги исполнил стандардите што заедницата ги очекувала.
Градското раководство ги прифати сите девет препораки од прегледот. За идните паради тие предвидуваат појасни правила за фестивалот и за барањата за истакнување знамиња и културни симболи. Препорачани се и подобри постапки за разгледување на претставките и за нивно упатување до повисоко ниво, како и обука за Повелбата на Викторија за вработените да ги земаат предвид човековите права и при подготовката на политиките и во секојдневните одлуки.
Дел од мерките се насочени кон признавање на последиците за македонската заедница и обновување на односите со неа. Други се однесуваат на заштитата на физичкото и психичкото здравје на вработените и на редовното следење на ризиците, безбедноста и почитувањето на човековите права. За спроведување на преостанатите мерки Градот формираше работна група која во следните 12 месеци ќе го известува извршното раководство за напредокот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.