Наодот е датиран меѓу 673 и 482 година пред нашата ера. Тоа е најстариот зачуван човечки мозок пронајден во Британија, а „Archaeology World“ го опишува и како еден од најдобро зачуваните древни мозоци досега забележани.
Археолозите од „York Archaeological Trust“ го ископале черепот од јама натопена со вода и богата со глина. Му припаѓал на маж на возраст од 26 до 45 години. При чистењето, истражувачите почувствувале сунѓереста маса што слободно се придвижувала во неговата внатрешност, иако кожата, косата и сите други меки ткива веќе биле целосно распаднати.
Зачуваниот мозок станал цврста кафеаво-жолта маса, со структура споредена со тофу. И покрај големото намалување, сѐ уште јасно се распознавале мозочните вијуги и бразди.
Мозокот, поради високата содржина на вода и масти, вообичаено се втечнува во рок од неколку дена по смртта преку автолиза, процес на разградување со сопствените ензими. Молекуларна студија од 2020 година, предводена од д-р Аксел Пецолд, понудила објаснување за зачувувањето на мозокот од Хеслингтон.
Според наодите од студијата, во мозокот сѐ уште можеле да се откријат повеќе од 800 протеини. Структурните протеини, меѓу кои неврофиламентите и глијалниот фибриларен кисел протеин, наместо да се разградат, цврсто се свиткале и се здружиле во стабилни, нерастворливи групации, наречени агрегати, отпорни на распаѓање.
Во ова објаснување за зачуваноста, улога имале и непосредното затрупување во студена, ситнозрнеста кал без кислород и навлегувањето непозната кисела течност во черепот набргу по смртта. Комбинацијата се посочува како причина за запирањето на бактерискиот раст и блокирањето на ензимите што го разградуваат ткивото.
Форензичкото испитување на черепот и горните вратни пршлени открило скршеници во согласност со бесење, по кое веднаш следувало отсекување на главата со остро сечило. Според ова толкување, главата потоа била веднаш фрлена во влажната јама. Ритуално жртвување или погубување се веројатните објаснувања за насилната смрт.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.