Со подигнување на Андреевското знаме, знамето на руската морнарица, во бродоградилиштето „Севмаш“ во Северодвинск беше означен приемот на „Перм“ во служба. На свеченоста рускиот претседател Владимир Путин најави дека подморницата наскоро ќе ѝ се приклучи на Тихоокеанската флота. Како нејзина задача ја посочи заштитата на руските поморски граници, со посебен осврт на Далечниот Исток и Арктикот.
Според Путин, подморниците од класата „Јасен-М“ можат да дејствуваат незабележано во сите океани и да ги користат сите видови крстосувачки ракети што се лансираат од подморница. Тој оцени дека „Циркон“ веќе покажал голема ударна моќ и висока прецизност.
На проектирањето, изградбата, опремувањето и тестирањето на „Перм“, покрај работниците од „Севмаш“, работеа конструкторски бироа, претпријатија од одбранбената индустрија, истражувачки и иновациски центри и мали и средни технолошки фирми. Путин оцени дека Русија е меѓу ретките земји што имаат технологија, инженерско искуство и стручен кадар за изградба на вакви подморници.
„Севмаш“ продолжува да гради подморници на нуклеарен погон од повеќе класи. До 2030 година е планирана испорака на уште пет ракетни подморници за морнарицата, од кои три од класата „Јасен-М“. Путин рече дека очекува планот за модернизација на морнарицата да се исполни во целост и навреме.
Според него, поголемото сериско производство на бродови и модернизацијата на одделни оружени системи ќе им обезбедат континуирана работа на бродоградителите и на нивните добавувачи. Тој очекува тоа да ја зајакне економската отпорност на бродоградилиштата и одбранбените претпријатија, да привлече нови стручњаци и да го поддржи развојот на домашни технологии за одбраната.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.