Најважно
350 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Зајкова прашува за отсуствата и исплатите на Арбен Фетаи

Резиме

Пратеничката Моника Зајкова прашува колку време Арбен Фетаи отсуствувал од работното место, колкави плати и други трошоци му биле исплатени во тој период, дали е побарано враќање средства и дали е утврдена одговорност. Таа бара писмени одговори и документација. Тврдењата за неоправдано отсуство ги наведува како информации објавени во јавноста.

Премиерот Христијан Мицкоски одговара дека тие тврдења не треба да се третираат како утврдени факти. Вели дека евентуалното отсуство или прекршување треба да се провери врз основа на службени евиденции и законски процедури, а ако се утврди повреда, треба да има одговорност. Посочува дека Владата нема да штити прекршување на закон, но и дека нема да прогласува некого за виновен без факти и постапка. Во одговорот не ги наведува бараните конкретни бројки и документи.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Моника Зајкова

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Африм Гаши

Предмет: Пратеничко прашање

Согласно член 38 и член 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија поставувам пратеничко прашање до претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски.

Во изминатиот период македонската јавност беше сведок на однесување на поранешниот заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, кој, според јавно изнесени информации, подолг временски период не доаѓал на своето работно место, а за истиот период му била исплаќана функционерска плата од Буџетот на Република Северна Македонија. Истотака, во јавноста беа објавени информации дека, наместо да биде утврдена евентуална одговорност, истиот е именуван за специјален пратеник за Европската Унија во Брисел.

Со цел целосно утврдување на фактичката состојба и обезбедување транспарентност во трошењето на буџетските средства, Ви ги поставувам следните пратенички прашања: 1. Колку точно денови и во кој временски период тогашниот заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, самоиницијативно и без отворено боледување или одобрен годишен одмор отсуствувал од своето работно место? 2. Колкав е точниот износ, пресметан до денар, на исплатената нето и бруто плата за периодот во кој тој неоправдано отсуствувал од работа, заедно со потврди за уплатените придонеси? Истовремено, кој е точниот износ на средствата исплатени за репрезентација, службени патувања, дневници и сите останати оперативни трошоци за него лично и за неговиот кабинет во истиот период? 3. Врз основа на кој закон и пропис му била исплаќана плата за време на неоправданото отсуство од работа, колкава е вкупната материјална штета нанесена на Буџетот, дали од него е побарано враќање на незаконски исплатените средства и доколку е побарано, Ве молам да доставите копија од решението, односно барањето за враќање на средствата (со архивски број и потпис), како и информација дали средствата се веќе вратени во Буџетот.

4. Дали е утврдена одговорност за лицето или лицата кои одобриле и потпишале исплата на плата за функционер кој со месеци не доаѓал на работа и кои конкретни мерки ќе ги преземе Владата за да обезбеди доследна примена на законите и еднаков третман за сите вработени во јавниот и државниот сектор? Согласно со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, барам одговорите на сите четири прашања, заедно со бараната документација и потврди, да ми бидат доставени во писмена форма.

Пратеничка Моника Зајкова

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - СКОПЈЕ Бр.- 08-5022/3 24.08.2026 год.-

Влада на Република Северна Македонија КАНЦЕЛАРИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА

Дата: 20 -08- 2026 Архивски број: 08-1436/ 2 До: Претседател на Собрание на РСМ г.Африм Гаши Предмет: Доставување одговор на пратеничко прашање Врска ваш бр.08-5022/2 од 31.07.2026 година

Почитуван,

Врз основа на член 43 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, во прилог Ви се доставува одговор од претседателот на Владата на Р.С.Македонија, на пратеничко прашање поставено меѓу две седници на Собранието на РСМ, на 30 јули 2026 година, од пратеникот Моника Зајкова.

Со почит,

Шеф на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија

Владимир Нелоски

Влада на Република Северна Македонија Бул. „Илинден“ бр. 2, 1000 Скопје | www.vlada.mk | info@vlada.mk

Влада на Република Северна Македонија П Р Е Т С Е Д А Т Е Л Почитуван пратеник г-ѓа Зајкова,

Во однос на Вашето прашање и изнесените тврдења дека одреден носител на јавна функција „не одел на работа, а земал плата“, потребно е најнапред да се направи јасна разлика помеѓу политичка квалификација и утврдена фактичка состојба.

Не би прифатил како факт нешто што е изнесено како политичко тврдење, без за тоа да постои утврдена фактичка состојба. Во едно демократско општество, особено во Собранието, можеме да имаме политички несогласувања, остри критики и различни ставови, но не можеме претпоставките да ги претставуваме како факти.

Секој носител на јавна функција има законска и морална обврска функцијата да ја извршува совесно, одговорно и во интерес на граѓаните. Тоа важи за секого, без исклучок. Јавната функција носи одговорност, а за своето работење секој функционер одговара пред законите, институциите и, конечно, пред граѓаните. Но, одговорноста не се утврдува преку политичка квалификација, туку преку факти и соодветна институционална постапка.

Затоа, ако прашањето е дали постои конкретен период во кој функционерот бил неоправдано отсутен, дали постои конкретно прекршување на работните обврски или дали постои повреда на закон, тогаш тоа е прашање што треба да се утврди врз основа на службените евиденции и согласно законските процедури. Ако таква повреда е утврдена, за неа мора да има одговорност. Ако не е утврдена, тогаш не може политичката конструкција да ја заменува фактичката состојба.

Од моја страна, можам да бидам исклучително јасен: оваа Влада нема да штити никого кој прекршил закон, но нема ниту да дозволи некој да биде прогласен за виновен без факти и без постапка. Тоа е принципот на владеење на правото и тој мора да важи еднакво за сите.

Истовремено, би сакал да ја вратам дискусијата таму каде што треба да биде – на работата на институциите и на резултатите.

Владата функционира со полн институционален капацитет. Владините процеси се одвиваат непречено, одлуките се носат, политиките се спроведуваат и институциите ги извршуваат своите законски надлежности. Државата не застанува поради дневни политички конструкции и нема да дозволиме работата на институциите да биде сведена на политички шпекулации.

Влада на Република Северна Македонија П Р Е Т С Е Д А Т Е Л

Секој министер има јасно утврдени надлежности и одговорност. Од секој функционер очекувам работа, дисциплина, законитост и резултати. Но, истото го очекувам и од сите што ја контролираат и критикуваат власта, политичката дебата да биде сериозна, аргументирана и заснована на факти.

Не е суштината еден министер каде се наоѓал во секој момент од денот. Суштината е дали ги исполнува обврските што произлегуваат од функцијата, дали институцијата со која раководи функционира и дали политиките за кои е одговорен се реализираат.

Јас како претседател на Владата одговарам за тоа Владата да функционира. И можам да кажам дека Владата функционира. Имаме јасна одговорност, јасна агенда и јасни приоритети. Работата продолжува и институциите испорачуваат. Ако од една претпоставка сакаме да направиме политички факт, а потоа од Владата да бараме да ја докажува невиновноста на функционерот, тогаш не зборуваме за парламентарен надзор, туку за политичка конструкција.

Ние ќе продолжиме да ја градиме политиката на одговорност, а не на сензационализам. На институции, а не на шпекулации. На резултати, а не на политички претпоставки. И секој функционер, без разлика на функцијата, треба да знае дека мандатот е доверба од граѓаните, законот е граница, а резултатите се мерката на одговорноста.

Со почит, проф. д-р Христијан Мицкоски

Сите пратенички прашања