
Моника Зајкова
До Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Африм Гаши
Предмет: Пратеничко прашање Од пратеничката Моника Зајкова До Министерот за здравство на Република Северна Македонија, д-р Арбен Таравари
Согласно член 38 и член 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, поставувам писмено пратеничко прашање до Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари.
Ве замолувам да дадете објаснување за следниот случај кој сериозно го доведува во прашање функционирањето на јавниот здравствен систем, особено во делот на итната кардиохирургија:
„На наш сограѓанин неодамна му пукна аорта – медицинска состојба која бара итна хируршка интервенција и претставува директна закана по живот. Пациентот бил итно пренесен во Државната клиника за кардиохирургија, каде, според добиените информации, сите оперативни сали биле надвор од функција поради наводно реновирање. Пациентот бил препратен во приватната здравствена установа „Филип Втори”, за која постои договор со Фондот за здравствено осигурување, но таму му било одбиено лекување со образложение дека квотата преку Фондот е надмината, а приватно, третманот чини илјадници евра – што е недостижно за поголемиот дел од населението, особено во момент на итност”.
Во контекст на горенаведеното, како пратеничка во Собранието на РСМ, барам од вас, како надлежен орган, да ми одговорите на следните прашања: - Дали е точно дека во моментот државната кардиохирургија нема оперативни сали достапни за итни случаи? Доколку е така, зошто не е обезбедена алтернативна организација на итната кардиохируршка служба? - Колку пациенти се одбиени од страна на ПЗУ „Филип Втори” поради надмината квота преку Фондот и во колку од тие случаи се работело за животно- загрозувачки состојби? - Зошто Министерството и ФЗОМ не обезбедиле итен пристап за вакви случаи, без разлика на квоти, особено кога станува збор за осигурени лица кои сиот свој работен век плаќаат придонеси за здравство?
- Дали се разгледуваат санкции за јавни или приватни здравствени установи кои одбиваат итни случаи, и дали постои план за подобрување на итната здравствена заштита?
Очекувам итен и детален одговор, бидејќи јавноста има право да знае дали државата може да им помогне на граѓаните кога се борат за својот живот.
Скопје,17.04.2025
Пратеник Моника Зајкова